Tuesday, January 28, 2014

Надрилекари со волшебен допир „лекуваат“ неизлечиви болести

„Железничари“,  „исцелители“ и  други надрилекари го мамат народот со методи на лекување кои можат да бидат опасни

Луѓето постојано одат кај надрилекари, односно кај бајачки, билкари, железничари, биоенергетичари, исцелители и други лица што не се обучени за давање лекарска помош. 

Tодор Минов од Штип го раскажува своето искуство кај надрилекар:
-     Си ја повредив ногата играјќи кошарка и отидов кај еден локален надрилекар кој е познат во градот по „местењето“. Надрилекарот ми кажа дека нема скршеница и дека треба само да се масира бидејќи дисковите биле изместени. Тој ми ја измасира ногата и ми стана многу подобро. Но следниот ден ме заболе многу повеќе. Една недела одев кај него, ме масираше и ми ја намота ногата со завој. Болките станаа неиздржливи.


Откога видел дека нема лек од „местачот“, отишол на лекар. Во болницата направил снимки на ногата. Лекарите му рекле дека има повреден лигамент, скршеница со изместување и гангрена. Му објасниле дека ако не го масирал надрилекарот и ако отишол на лекар навреме, многу полесно ќе поминел, без потреба од операција. А за дисковите кои ги споменал надрилекарот, лекарите објасниле дека во ногата нема дискови.

Тој го пријавил надрилекарот во полиција, но „местачот“ се оградил дека прв пат го гледа човекот, тврдејќи дека не му пружил никаква медицинска помош и не се занимава со надрилекарство.

Надрилекарството во Македонија е забрането со два закона: Законот за здравствената заштита и со посебен член во Кривичниот законик во кој стои дека „тој којшто без пропишана стручна подготовка се занимава со лекување или со давање медицинска помош, ќе се казнува со затвор до една  година и со парична казна“

Но, наспроти законските одредби, надрилекарството не изгледа како да е нелегално. Во секој град постојат „еќими“ кои се познати меѓу локалното население, а некои пак се познати и низ цела Македонија. За тоа говорат огласите и разните реклами по медиумите во кои се нуди лекарска помош.

Поголемиот дел од надрилекарите не бараат пари, но постои традиција меѓу народот кога некој надрилекар прави услуга, треба да се остават пари „кој колку има“, така што велат дека не земаат пари за услугата и дека тоа го прават бесплатно. Но, постојат и надрилекари кои имаат ценовници.

Министерството за внатрешни работи е надлежниот орган кој постапува во овој тип криминал. 
- Ние реагираме кога некој кај нас ќе пријави одредено лице дека врши нестручна медицинска дејност. Во тој случај, полицијата врши увид и доколку пронајде докази го приведува лицето кое се занимава со надрилекарство – вели Иво Котески, портпарол на МВР.
Инспекторката Вера Менкова од Државниот санитарен и здравствен инспекторат вели дека кога имаат сознанија за надрилекари вршат инспекции.
-       Правиме инспекции најчесто кога ќе добиеме пријави од граѓаните, но тоа ретко се случува. Му издадовме забрана на познатиот хрватски исцелител Брацо кој во Скопје „лечеше“ со поглед, а неодамна имавме и неколку други случаи каде што фативме надрилекари. Не водиме статистика за тоа – вели Менкова. 

Реагира и лекарскиот еснаф


Докторите од традиционалната медицина ценат дека надрилекарството постои бидејќи не се почитуваат законските одредби кои забрануваат ваков тип дејности. Според нив, зборовите „лекување“ и „давање медицинска помош“ во Кривичниот законик се премногу општи и потребно е да се редефинира и применува овој член од законот.

Ендокринологот проф. д-р Мирјана Кочова од Детската клиника во Скопје вели дека дел од проблемот со надрилекарите и зошто луѓето одат толку често кај овие лица за помош е затоа што и телевизиите имаат емисии што на некој начин го рекламираат надрилекарството и затоа во последниве неколку години сѐ повеќе станува популарно за некој проблем да се отиде прво кај надрилекар.

Интернет оглас на надрилекар-билкар


Професор д-р Здравко Чакар од Институтот за судска медицина цени дека законот во однос на надрилекарите е во ред, но многу ретко се применува. Тој вели дека човек кога е тешко болен, а класичната медицина не може да му помогне, бара чаре од врачови, бајачки, биоенергетичари, билкари и секакви други лица што немаат завршено медицински факултет.
      

      - Тоа е кривично дело, но членот во законот треба да се применува. Ние може да кажеме вака или онака, да коментираме, но државата е таа што треба да го применува тој член. Луѓето се казнуваат за многу поситни работи, а ова оди јавно по телевизиите, по весниците, во огласите, во рекламите. Никој не презема ништо, а тоа се се методи на лажно лекување и надрилекарите се богатат од тоа, а најчесто ја напаѓаат класичната медицина и методите на тие лекувања никогаш не се добри – вели Чакар. 

За докторите е спорно и тоа што  надрилекарите само се фалат дека лекуваат тешки болести, но тоа никаде не е заверено. За разлика од нив, од лекарите се бара за секоја интервенција да има согласност, да му кажат на пациентот што точно ќе прават со него и тој да го потпише тоа, се прават строги статистики, секоја најмала интервенција мора да се запише, а надрилекарите немаат статистики со резултати.

-  Надрилекарите велат дека лекуваат рак, но ако лекуваат, зошто не го споделат и не го патентираат тој лек? Секој ќе прифати лек што лекува рак и ако го патентираш тој лек, ќе се збогатиш толку многу што и ти и твоите внуци и правнуци ќе немаат грижа за пари. За надрилекарите никој не знае што работат, а не смеат да работат, а од друга страна се рекламираат – вели Чакар

Нашиот тим направи анкета на 200 граѓани од источниот дел на Македонија. 95 отсто од анкетираните биле барем еднаш во животот кај надрилекар, а околу 80 отсто често одат кај надрилекари. Повеќе од половината анкетирани се изјасниле дека за помали здравствени проблеми попрво би отишле кај надрилекар, а не кај лекар. Причината за овој одговор се должи на изгубената доверба во здравството и ценат дека здравството и односот лекар-пациент не се квалитетни, па решаваат чарето да си го бараат на друго место. Велат дека лекарите не знаеле да ги излекуваат ниту од обични настинки и дури биле незаинтересирани, односно не ги слушале пациентите додека кажуваат каков проблем имаат.

-Еден доктор три месеци ме лекуваше од настинка и болка во грлото. Пиев некои апчиња и состојбата никако не ми се подобруваше, потоа отидов кај билкар и за неколку дена целосно закрепнав. Јас ја почитувам медицината, но ценам дека кај нас докторите воопшто не се хумани и не се заинтересирани и затоа за поголем дел од проблемите што ги имам одам кај надрилекари – вели Катерина од Кочани. Слични приказни за незаинтересираноста на лекарите кажуваат и останатите граѓани. Некои од обична настинка имаат добиено хроничен бронхитис и некои други форми на болести што можело да се превенираат и сето тоа се случило, како што велат анкетираните, поради негрижата на лекарите.

Ексклузивно видео од бајачка која лечи од главоболка


„Местачи“ користат медицински термини, а исцелители измислуваат лажни приказни

За да се увериме како работат надрилекарите, посетивме неколку бајачки, местачи на шинати зглобови, повредени луѓе, гатачки, исцелители и други слични надрилекари во Штип, Виница, Скопје, Делчево, Велес. Нашиот новинарски тим составен од лекар, девојка со минимална болка во половината од истегнат мускул и новинар.  

Првото место беше Кочани кај „железничарот“ Венцо, познат по неговите физиотерапевтски способности. Неговото „работно место“ е  еден мал дуќан во центарот на Кочани, во кој не’ пресретнаa рафтови на кои имаше сокови, сирупи, масти и слични домашни продукти што ветуваат излекување од разни болести. Тој нѐ прими срдечно и нѐ праша што е проблемот и каде точно се наоѓа болката. Девојката ја однесе во еден дел од дуќанот во кој повлече една завеса, а нас нѐ замоли да почекаме во другиот дел од просторијата. Девојката ни го раскажа третманот: „Ми рече да легнам на масата за масажа и дијагонално истовремено ми ја тегнеше раката и ногата. Ме масираше и притискаше на грбот, што за мене беше многу болно“. По 20 минутната масажа, Венцо и’ jа соопшти дијагнозата: „Вие имате дископатија. Добро е што дојдовте кај мене да ве ‘наместам’, оти ако сте почекале уште една недела ќе сте имале многу тешки проблеми. Во следните 5-10 дена ќе треба повторно да доаѓате на масажа. Цената за еден третман е 100 денари.

Лекарот пак, кој е во истражувачкиот тим, објаснува дека не постои здравствен проблем што е наречен дископатија. Цената што ја наплаќа не е некоја голема сума, но  може да предизвика поголеми проблеми.

„Со ваква масажа, тој како необучен лекар, може да направи големи проблеми, како на пример дисекција на крвни садови, односно оштетување и разделување на слоевите на крвниот сад, а тоа може да доведе дури и до мозочен удар. Може да се случи исчашување на зглоб, деформитети на зглобовите ако не се наместат правилно. Секако, може да се случат и многу други мали и големи проблеми. Девојката нема тешки здравствени проблеми, а ја дијагностицира со болест што не постои. Ова е застрашувачко како народот има толкава доверба во надрилекарите“, вели неврологот и член на нашиот истражувачки тим Андреј Јаневски.


Можете во следното аудио парче да слушнете како звучи масажа и дијагностика кај овој надрилекар

Следната дестинација ни беше Велес. Таму еден познат биоенергетичар и исцелител од Велес, кој за себе вели дека има Божји моќи. На интернет има видеа како прави егзорцизми, лечи неподвижни лица и болни од рак, а има и објавено разни книги и центри каде што се одвиваат семинари за подобрување на духот и лечење преку божја молитва. За да ја тестираме неговата веродостојност му направивме еден тест.

На биоенергетичарот му пративме фотографија на која има повозрасен човек што спие, но му кажавме дека е тоа починат дедо на пријател и ставивме две црвени точки на фотографијата и два бели крста и рековме дека така се појавиле на фотографијата. По неколку часа ни одговори дека таа фотографија е од огромно значење, дека тоа е битката помеѓу доброто и злото и дека дедото се наоѓал во Светата земја. Ни побара биографија од човекот за да ни каже повеќе информации и за да може да се поврзе со него. Му пративме измислена биографија, дека градел цркви и бил хуманитарец. По 2-3 дена биоенергетичарот ни врати одговор дека контактирал со човекот. Ни кажа дека тој бил во Светата земја, каде што се водела војна за него помеѓу доброто и злото, но доброто победило и сега се наоѓал во Рајот. 

Биоенергетичари и разни исцелители „лекуваат“ со допир и рак
Илустрација на надрилекар

Во нашето истражување решивме да ја посетиме и  биоенергетичарката Марија во Велес.  Пред влезната врата на куќата на биоенергетичарката, забележавме дека има отворена тетратка на една масичка.  Очигледно тоа беше книгата за закажување. Немаше некое лице кое тоа го прави, туку луѓето кои имаат мака, самите се пријавуваат. Во нашиот термин, во 13 часот видовме дека се најавиле 20 лица. Влеговме и чекавме повеќе од еден час за да не прими популарната „лекарка“.  Во неврзаниот разговор што го правевме со другите „пациенти“ кои чекаа на прием, разбравме дека во градот се зборело дека откога станала биоенергетичарка се здобила со големи пари и отворила синџир на бутици. Конечно се појави биоенергетичарката, која изгледаше како просечна  средовечна жена. Беше многу љубезна и со однос кој не се разликуваше од другите  надрилекари кои ги посетивме. Не’ внесе во една просторија украсена  со икони и други разни религиозни предмети. Направивме неколку круга околу иконите. Потоа фрлавме паричка во кофа со вода. Ни објасни дека сонувала дека треба да почне да лекува со биоенергија и во соништата слушнала глас што рекол дека треба да се занимава со тоа. Таа ги сонувала нејзините родители и браќа и во собата со иконите направила икони од нив бидејќи ги смета за светци. Кога дојдовме на ред за сесијата со биоенергија кај надрилекарката, повторно правевме круг околу иконите, но во спротивна насока и пак фрлавме паричка во кофата со вода. Од собата каде што кружевме, низ една мала вратичка се влегува во уште една мала соба и таму биоенргетичарката ги држи своите сесии. На надрилекарката и кажавме лажни симптоми од главоболка и лошење. Во собата има само два стола и помеѓу нив бунар, каде што биоенергетичарката ги наводенува рацете и ги трие и потоа ги става на главата на пациентот и почнува да го движи со рацете. По патот во таксито со кое се враќавме, таксистот ни кажа дека надрилекарката е голем измамник, напоменувајќи ни да не се залажуваме да одиме пак таму.

Овие исцелители тврдат дека лекуваат од се. Најпознат пример за ваков „еќим“ во нашава земја е Иван Исцелител. Тој на неговиот сајт пишува дека лечи од шизофренија, синус, крајници, парадентоза, гастритис, тумор, рак, леукемија, дијабетис, стерилитет и други тешки болести. На неговиот „Фејсбук“ профил го контактиравме и му кажавме дека наш пријател боледува од рак и да ни даде одговор како може да не излечи. Тој ни одговори дека треба да го споделиме документарниот филм на многу луѓе и така ќе добиеме многу среќа.
Видео од филмот на Иван исцелител

Во разговори со разни доктори и други лица кои имале искуства со надрилекари кои тврдат дека лекуваат од сите болести ни кажаа дека тие се едни од најголемите измамници-надрилекари. Тоа е најчесто така, велат лекарите затоа што тие ги мамат луѓето кои се во очај. Секој начин на лекување на некоја тешка болест би го испробале, без разлика колку и да звучи нелогичен. Докторката Наташа објаснува дека доколку и таа имала некоја неизлечлива болест, иако е докторка би отишла кај некој од тие еќими, бидејќи во очајни ситуации секој се обидува да најде лек од каде било за својата тешка здравствена состојба. Ваков пример со неизлечлива ситуација е еден наш извор којшто сакаше да остане анонимен.
-          
       - Двете нозе не ми се во функција, како последица од тромб. Слушнав за една биоенергетичарка што била многу квалитетна.  Одев кај неа на 10 сесии со биоенергија што ме чинеа вкупно 100 евра, но, за жал, немаше никаков резултат. Одев на акупунктура, ми даваа некој инјекции, билки и по сите овие третмани навистина очекував да закрепнам, но резултатите беа буквално никакви, само што потрошив 500 евра – вели тој
Надрилекарството е популарно низ цел свет

Американецот Џејмс Ренди е познат низ цел свет како најпознатиот истражувач и демистификатор на паранормалното и псевдонауките, а ја има добиено  и наградата за животно дело од Американската хуманистичка организација. Тој одел од куќа на куќа кај луѓе кои тврделе дека надрилекари ги излечиле од рак и други неизлечливи болести.
-          Една девојка тврдеше дека исцелител со енергија од Господ ја излекол од рак, но по две недели отидовме до нејзината куќа да разговаравме со неа. Кога отидовме кај неа дома, нејзините роднини или пријатели ни соопштија дека девојката починала неколку часа пред да дојдеме - вели Џејмс.

Во неговото 40 годишно активно работење како ваков истражувач посетил илјадници случаи низ САД каде што клиентите тврдат дека надрилекарите ги излечиле од рак или некоја друга тешка болест. Досега не нашол ниту еден случај каде што тоа е вистина.